Search

Што ме спречува? Извори на ограничувања во јога асана практиката.

Што ме спречува?



Во светот на јогата не постои место за концептот „една големина им прилега на сите“ или „one size fits all“. Тоа е пораката која ја праќа Берни Кларк, авторот на „Твое тело, твоја јога“, книга во која клучното прашање е „Што ме спречува?“. Таа детално објаснува како анатомските разлики се одразуваат во нашата асана практика, односно како нашата лична биологија ги креира рамките во кои телото може да се движи. Не постои асана која секој може да ја исполни, ниту постои човек кој може да исполни секоја асана, објаснува Кларк.


Тензија или компресија? Што ме спречува?


Методот за испитување на вашите физички ограничувања кој го предложува Кларк подразбира систематско набљудување на сензациите кои ги будат одредени јога пози. Тој го започнува своето истражување со прашањето – Што ме спречува? Со други зборови – што го ограничува опсегот на вашите движења?

Тој наведува 2 причини – тензија и компресија. Тензија е отпорот на ткивата при нивното растегнување (мускули, лигаменти, фасција, кожа). Компресијата е отпорот создаден при допир на две коски (тврда компресија), меки делови од телото (мека компресија) и допир на коска со мек дел од телото (средна компресија). Следејќи ги сензациите во телото и точно проценувајќи ја причината на ограничувањето, полека градиме слика за нашата уникатна анатомија и можеме да ја прилагодиме практиката соодветно на нашите лични капацитети и потреби, притоа работејќи со, а не против телото.



Препознајте ги и прифатете ги вашите ограничувања


Кога ќе го постигнеме максимумот на еластичност на ткивата, неминовно ќе дојдеме до моментот на компресија, што значи крај на „прогресот“ на таа одредена поза. Многу е важно да се препознае и прифати овој факт бидејќи секој обид да се оди понатаму со себе носи опасности. Со редовна практика ткивата ќе станат поеластични и нема да претставуваат „проблем“. Меѓутоа кога практикантот ќе се соочи со компресија, тој дошол до својот „ѕид“. Често практикантите си нанесуваат повреди обидувајќи се на сила да ги надминат ограничувањата што ги наметнува нивната лична анатомија.


Некои работи можете да ги направите веднаш, за други ќе ви биде потребно некое време, а некои нешта нема да можете никогаш да ги направите, вели Берни Кларк.

Мудроста да се знае разликата помеѓу нештата кои можеме и не можеме да ги промениме е целта на нашето „патување“, продолжува тој. Да разбереме точно кои се нашите можности, да имаме храброст да растеме и да ги исполниме нашите највисоки потенцијали, да ги препознаеме и почитуваме нашите лични ограничувања во моментот кога ќе се соочиме со нив – тоа е мудроста по која трагаме.



Твојата анатомија е уникатна. Изучи ја!


„Правилата“ за изведување асани се генерализираат со цел да ја олесни работата на учителите, особено во побројни класови, меѓутоа тие правила не ги земаат предвид индивидуалните разлики, карактеристики и потреби на практикантите. Тој генерален пристап е потенцијално опасен доколку дадените инструкции не се земат со резерва. Повеќето од учителите всушност не ве познаваат и никогаш нема да можат да ве разберат како што можете самите себе да се разберете. Амбициозен учител може да има погрешни претпоставки во врска со вашите можности, а тоа лесно може да има поразителен резултат во форма на трајна повреда. Ваша лична одговорност е да ја запознаете и прифатите вашата уникатната механика. Од есенцијална важност е да ја земете во сопствени раце вашата лична практика. Тоа подразбира запознавање на вашата сила, слабости, ограничувања и вештини. Ваше тело, ваша јога.

0 views0 comments

Recent Posts

See All